Скопје вчера го „здрмаа“ десетина потреси
Објавено во: Македонија 12 Септември, 2016
Скопје вчера го погодија десетина потреси, кои беа почувствувани и во внатрешноста на Македонија.
Последниот од серијата земјотреси е регистриран синоќа во 20.57 часот со магнитуда од 2,1 степен по Рихтер, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Најсилниот земјотрес е почувствуван вчера во 15.10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер. Епицентарот беше на 7 километри источно од Скопје.
По овој земјотрес, до околу 18 часот регистрирани беа околу 10 послаби земјотреси, од коишто со мали интензитети се почувствувани четири. Серијата земјотреси почна во утринските часови кога беа регистрирани два потреси со јачина од 3,9, односно од 2,8 степени по Рихтер.
Поради земјотресите во текот на вчерашниот ден причинети се материјални штети, а лекарска помош побарале стотина граѓани.
Потресите се почувствувани и во соседните земји, Србија, Бугарија и Косово.
Голем број граѓани поради страв од нов земјотрес, ноќта ја поминаа под шатори.