Сме потрошиле 16 милиони евра за една година за изградба на инфраструктура за инвеститорите во индустриските зони
Објавено во: Економија 06 Декември, 2024
Покрај тоа што Владата и Дирекцијата (ТИРЗ) одобруваат субвенции и државна финансиска помош по разни основи за инвеститорите во слободните индустриски зони во земјата, висока сума на средства се троши и за изградба и одржување на самата инфраструктура.
Пресметките на „Фактор“, според годишниот извешта за работата на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, се дека минатата година се потрошиле повеќе од 16 милиони евра во корист на сопствениците на фабриките.
Од договорот за изградба на објекти за времено сместување и амбуланта, детски градинки, складишта и паркиралишта во неколку слободни индустриски зони, кој инаку беше постигнат со „Жикол“ за вкупна сума од 15 милиони евра, биле реализирани 5 милиони евра во текот на 2023.
Во зоната во Штип, каде што е познато дека повеќемилионски договор за расчистување на теренот има Зобек Мининг Груп, истовремено се реализирале неколку договори за изведба на парцела, како и нивелирање и подготовка на земјиште. За оваа услуга, како што пишува во извештајот, Дирекцијата исплатила околу 7,15 милиони евра.
Операторите кои граделе надвозник за поврзување на зоните Скопје 1 и Скопје 2 во Бунарџик, како и за „изградба на основна внатрешна и надворешна инфраструктура во Скопје 2“, на сметка во текот на минатата година добиле 2 милиони евра.
За изградба на административни згради, односно терминали, за слободните индустриски зони во Прилеп и Струга биле реализирани 1.375.000 евра од договорот со изведувачот.
Изградбата на „внатрешната инфраструктура“ пак во индустриската зона Косел во Охрид ја чинела Дирекцијата нешто повеќе од половина милион евра.
А.К.