Добивај вести на Viber
Утре од 17.30 до 21.30 часот се случува третиот Startup Grind Skopje во просториите на
SEEU Tech Park-от во Скопје (Чаршија, стара стоковна куќа Мост). Настанот го организира
Clear View Business Training Center.
Овој пат излагање ќе има, Игор Трајковски, основач на Time.mk, кој што ќе сподели како е да се изгради и одржи успешен агрегатор во Македонија - од технички и бизнис апект- и што значи да се работи во Google, светскиот технолошки гигант каде што Трајковски има работено.
По излагањето на Трајковски, планирана е работилница на темата: „Имам идеја/готов производ. И што сега? Како до првите клиенти и до систем за континуирана продажба”. Работилницата ќе ја води Тодоровски Јоцо, „инженер" за системи за продажба и маркетинг кои носат резултати со минимална потрошувачка на време и пари.
“Во 2006-та, кога имаше само 18 години, Јоцо го започна првиот бизнис. Oд тогаш имаше можност да ‘пропадне’ неколку пати и да научи од грешките, за денес успешно да дизајнира и води процеси за маркетинг и продажба. Негов предизвик е да не нe’ пушти да си одиме додека не сме подготвени да направиме ‘машина’ за маркетинг и продажба на стартапите”, вели Ирена Ефремовска, од Clear View BTC.
„Најчесто, Start Up-ите се градат врз база на идеја која што електризира одредена целна група на луѓе и има прилично време за тоа да постане бизнис и влијанието на политиката и економските состојби да играат значајна улога. Исто така, со помош на интернетот, веќе географските граници стануваат ирелевантни за реализацијата на одреден тип бизнис идеи. Доколку погледнеме од практичен аспект, грдата страна на Start Up-ите е тоа што повеќето од нив згаснуваат многу брзо“, вели Тодоровски.
Тој смета дека има 2 основни причини за неуспехот на една Start Up приказна: недоволно пари и недоволно грижа, а нуди рецепт како овие причини да се надминат.
„Основата на успешноста на еден Start Up лежи во наоѓање на специфична група на луѓе (дел од поголем пазар) што е подготвена да ни плати за решавање на одреден проблем или потреба кој што можеме да го направиме подобро од другите играчи на пазарот. Само кога знаеме дека некој навистина гледа вредност во она што го правиме и е подготвен/а да го отвори портмонето и да плати, тогаш знаеме дека имаме идеја која што има перспектива“, додава Тодоровски.
За да слушнете повеќе, бидете и вие дел од третиот Startup Grind Skopje!
Startup Grind е глобална заедница која едуцира, поврзува и инспирира претприемачи. Поддржана е од Google for Entrepreneurs. Активна е во 100 градови низ светот. Меѓу другите, говорници биле основачот на Pinterest, LinkedIn, Digg, Meetup, Basecamp, EventBrite и познатите Steve Blank и Clayton Christensen. Повеќе за Startup Grind може да прочитате на Forbes, Techcrunch, The Wall Street Journal како некои од светски најпознатите медиуми за бизнис, технологија и економија.