Страв од земјотрес, помалку деца во училиштата и градинките
Објавено во: Македонија 14 Септември, 2016
Поради страв од земјотрес, помалку деца има во училиштата и градинките во Скопје.
Многу од родителите или не ги носат децата на училиште, или ги земаат пред да завршат часовите. Во градинките вчера имало повеќе отсутни деца за разлика од завчера.
„Десет деца денеска не се дојдени на настава. Ние не знаеме дали е тоа страв од земјотрес или децата се болни. До крајот на неделата ќе се знае дали отсуствата се заради страв од земјотрес или не, ќе кажат наставничките“ - велат од основното училиште „11 Октомври“ за Фактор.
Во основното училиште „Блаже Конески“ отсуствуваат една петтина од учениците односно над 100 деца.
Екипите од Институтот за земјотресно инженерство и денеска продолжуваат со посетите на објектите од јавен интерес, за да увидат какви штети предизвикаа серијата земјотреси деновиве.
До вчера до 12 часот направена е проценката за стабилност на 71 објект, a се работи за 16 градинки, 22 основни и 8 средни училишта, еден факултет, 5 здравствени објекти, 1 суд, 8 административни објекти и 10 згради.