СЈО го поддржуваме по закон, но тие не се надлежни во Собрание
Талат Џафери категоричен - Јанева не може да бара никакви закони
Објавено во: Македонија 16 Септември, 2016
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева повторно побара да се донесат неопходните измени во законот за заштитени сведоци со цел да се спроведат сите истраги и да се добијат соодветните докази, но од владејачката коалиција засега нема слух за акција во собранието. Категоричен е и Талат Џафери од ДУИ според кој има разлика во поддршка за изгласаниот закон за СЈО и предлагање на закони од оваа институција која воопшто не е надлежна за тоа.
„Една е поддршката за СЈО според законот кој е изгласан. А друго е тоа што формално како барател не може да се појави СЈО. Иницијатива може да има секој. А предлог е друго. Предлог за измени може да поднесат 10 илјади граѓани. Не сум добил таква иницијатива како координатор на пратеничката група на ДУИ. Кога ќе ја добијам, тогаш ќе коментирам дали ќе поддржиме“, вели Џафери за НОВА.
Сепак, конкретен одговор дали пратениците навреме ќе го разгледаат предлог законот во собранието засега нема ниту од ДУИ ниту од ВМРО-ДПМНЕ, а времето е кратко бидејќи наскоро ќе има распуштање пред одржувањето на парламентарните избори.