03 Јануари, 2025
0.5088

ТИЕ ЗНААТ, ТИЕ МОЖАТ, ТИЕ ПОСТИГНАА - ова се бизнисмените во избор на Фактор за „нај деловни луѓе“ во 2024 година

Објавено во: Економија 31 Декември, 2024

Добивај вести на Viber

Крајот на годината е време кога, сакале ние или не, треба да направиме некакви биланси, да ставиме некоја црта и да кажеме што било добро, а што лошо, кој сработил успешно, а кој помалку, и секако, што е она, или, пак, кој, што ги одбележа изминатите 365 дена. За да бидат мотивација за следната 2025 година која ни е на прагот, и за да бидат пример за тоа како треба да се постапува и како да се работи, но и за да донесат некому идеја како може да се подобри за наредниот период.

Фактор не би бил економски портал доколку не направи свое рангирање на бизнисмен на годината, притоа не претендирајќи само на голите економски бројки, во смисла приходи или продажби, добивки, акции, раст на вредноста на активите, раст на цената на акциите, направен промет со нив, поделени дивиденди, туку и на почитување на општествената одговорност, на вработените, на ЕСГ стандардите... Практично, луѓе кои не може да ги заобиколи ниту едно регионално рангирање, независно од критериумите кои таму се применуваат.

Кои се неколкуте деловни луѓе што оставија белег во годината што ја оставаме зад нас. Нема да ги рангираме според онаа вообичаена категоризација, прво, второ, трето место и така натаму, туку ќе споменеме неколку, па изборот ќе го оставиме на вас, почитувани читатели.

Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, несомнено е во врвот на листата. Не само поради тоа што успева долги години наназад, а секако и оваа, да го држи „Алкалоид“ убедливо на пиедесталот на одличен и најреномиран домашен бренд, туку и поради сите инвестиции во развој и иновации, тикму во време кога тие се водилка на економскиот напредок на светот.

Еве на пример, декември во „Алкалоид“ беше одбележан со тоа што компанијата регистрираше ново капитално поврзано друштво Алкалоид Енергетика, па токму поради желбите да се намали јаглеродниот отпечаток, ќе се гради фотоволтаична централа лоцирана во Гевгелија, со капацитет за производство на електрична енергија од околу 11 илјади мегават-часови на годишно ниво, а со нив ќе се овозможи од 75 до 85 отсто од струјата која се користи за производствените капацитети на Алкалоид да биде од сопствени обновливи извори. Ова само како надоврзување на изградените во последните неколку години погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми, односно фармацевтски препарати, што е и најзначајната инвестициска активност. 

Ако сакаме да зборуваме за профитабилност, за првите девет месеци од годинава, „Алкалоид“ го заврши периодот со чист профит од 22,5 милиони евра, и со одличен раст од близу 7 отсто во однос на истиот период лани. Ако сакаме да зборуваме за цена на акција, треба да напоменеме дека од почетокот на годинава таа била околу 18 илјади денари, за годината да ја заврши со над 28 илјади денари по акција. И ако сакаме да зборуваме за извоз, близу 70 отсто од она што го произведува оваа компанија, завршува на странските пазари. Да не зборуваме за донации, грантови, поддршка за спорт и за бројни други сектори, сето тоа и годинава беше на листата на „Алкалоид“. 

Регионалните рангирања, пак, неговото богатство го проценуваат на над 784 милиони евра.

Хари Костов, долгогодишниот македонски банкар, кој можеби не милува многу да се појавува во јавност, но затоа нема било каков бизнис чинител во земјава, од најмалиот до најголемиот, кој не знае за учинокот на Костов за домашната економија, и пред се за банкарскиот систем.

Во време кога моќните светски и европски банкарски имиња доминираат во регионот и во земјава, Хари Костов пркоси со одржувањето на Комерцијална банка како типичен македонски банкарски бренд, кој е не само тоа, туку и многу успешен и профитабилен.

Можеби не успеаја во намерата да ја купат Стопанска банка Битола, но Комерцијална банка успеа да оствари чист профит од 72 милиони евра за првите три квартали од годинава. Колку и „неверниците“ да сакаат да говорат дека банкарите се повластени и предодредени да прават високи добивки, сепак, оваа сума за македонски услови е за чиста пофалба и никој не може да ја оспори.

Акциите на банката, пак, соборуваат рекорди, па најновата нивна вредност е близу 28 и пол илјади денари, споредено со над 14 илјади денари колку што таа хартија од вредност се продавала на стартот на 2024 година.

Колга се прават бизнис рангирања, неминовно е да се раководите од бројките и достигнатите активи, бидејќи тие не можат да се исклучат кога зборуваме за деловен успех. Исто како што не може да се пренебрегне личното богатство на еден од најуспешните македонски бизнисмени, Илија Гечев, кавадаречкиот крал на челикот, кој во повеќето критериуми зошто е избран меѓу бизнисмените на годината, има уште еден адут, а тоа е дека неговата бизнис империја ИГМ Трејд, ја стартуваше во далечните деведесети буквално од нула, или како класична гринфилд инвестиција.

Неговата компанија произведува челични и заварени цевки и профили и во оваа област е една од најголемите фирми во југоисточна Европа.

Според рангирањето на Листата на 100-те најбогати во регионот, која традиционално ја објавува списанието Недељник, а е реализирана во соработка со водечките медиуми во регионот: словенечкиот дневен весник Finance, хрватскиот економски неделник Лидер, Босанскиот весник Ослобоѓење и економскиот неделник Капитал од Северна Македонија, Илија Гечев со неговата ИГМ Трејд е на 47 место, со богатство од близу 574 милиони евра.

Андреа Јосифовски со „Макпетрол“, главниот играч во нафтениот бизнис во земјава, со години наназад покажува дека успева и тоа како да ги држи конците во оваа индустрија, иако и сега, а и во минатото, имало разно разни обиди да се застане на патот на неговата бизнис империја.

За првите девет месеци од годинава „Макпетрол“ профитираше со 13,1 милиони евра и така се најде на седмата позиција од клубот на најпрофитабилни фирми, а растот на добивката изнесува седум проценти.

И Јосифовски влезе во клубот на осумте најбогати Македонци од оние топ 100 регионални бизнисмени, со над 625 милиони евра вредност на имотот на неговата компанија, што е резултат за респект на едн од најпознатите македонски бизнис оператори.

А, кога зборуваме за опшетсвена одговорност, мора да се истакне дека „Макпетрол“ годинава брилјираше со една кампања која нема врска со нафтата и нафтените деривати, онаа за борба и едукација за спречување на врсничкото насилство или булинг во училиштата, беспоштедно вложувајќи се во таа активност, и издигнувајќи ја на нивото на важност која и навистина ја заслужува, како многу сериозна појава во општеството.

Во нашиот избор влезе и Душан Пецовски, еден од двајцата браќа кои пред неколку години го презедоа кормилото во „Реплек“, македонски фармацевтски бренд кој тогаш не беше во сосема добра кондиција, но под нивната менаџерска палка успеа да напредува и издигне во многу почитуван бизнис играч.

Приходите, извозот, инвестициите постојано одат нагоре, акцијата е барана од инвеститорите и со неа се прават големи промети, а интересот за влез во „Реплек“ е постојан од бројни учесници на пазарот на капитал, а тука, како што неодамна ни откри раководството, спаѓаат и бројни малди луѓе, па и студенти, кои посакуваат да ја имаат акцијата на „Реплек“ во своето портфолио, и инвестираат во неа од своите слободни средства.

Браќата Пецовски заеднички располагаат со околу 19 отсто од акциите на „Реплек“, а во сопственичката структура има и познати други фирми, фондови или бизнисмени како акционери. Компанијата годинава изврши и разделување односно сплит на акциите, што уште повеќе го олесни процесот на влез и интересот на нови инвеститори во тоа акционерско друштво. Со профит од 2,2 милиони евра за девет месец Реплек влезе и во 20 те најпрофитабилни друштва на Македонската берза за првите девет месзеци од годинава.

И како награда на сето ова на крајот на годинава дојде влезот на „Реплек“ во Македонскиот берзански индекс МБИ10, што само по себе значи карта за Клубот на најмоќните и најпосакуваните акционерски друштва.

Кога веќе се зборува за акционерски друштва, не може а да не се спомене дека годината ја одбележа компанијата „Македонијатурист“, кое од едно навидум мирно акционерско друштво прерасна во вистинска акционерска „арена“, водејќи за нејзините акции битка едни од најуспешните и финансиски најдобростоечки инвеститори и деловни луѓе во земјава.

Секако дека во оваа листа е далеку од конечна и исполнета, и секако дека тука влегуваат и многу помали бизнис играчи, луѓе кои почнале со стартапи, а сега направиле вистински фабрики, луѓе кои ги искористиле своите знаења и иновации за да развијат бизнис кој е профитабилен, иако но засега се далеку од очите на јавноста. Времето ќе покаже кои од нив се најуспешни и ќе влезат на листите и рангирањата за наредниот период.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

КАКВО НИВО НА АНГЛИСКИ ЌЕ ТРЕБА ДА ЗНАЕ ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА ЈАВНА БЕЗБЕДНОСТ - ќе се менува законот за Полиција, еве што е предвидено

КАКВО НИВО НА АНГЛИСКИ ЌЕ ТРЕБА ДА ЗНАЕ ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА ЈАВНА БЕЗБЕДНОСТ - ќе се менува законот за Полиција, еве што е предвидено

Мерко излезе од формална сопственост над Меѓународниот универзитет во Струга

Мерко излезе од формална сопственост над Меѓународниот универзитет во Струга

„Алкалоид“, очекувано прв, потврди дека ќе подели дивидедна! Колкава ќе биде?

„Алкалоид“, очекувано прв, потврди дека ќе подели дивидедна! Колкава ќе биде?

ВО ЗЕМЈА ПОЛНА БАЛКАНЦИ, ДРЖАВНА КОМПАНИЈА БАРА ИЛЈАДНИЦИ РАБОТНИЦИ: Работата е наменета за оние кои бараат нов почеток

ВО ЗЕМЈА ПОЛНА БАЛКАНЦИ, ДРЖАВНА КОМПАНИЈА БАРА ИЛЈАДНИЦИ РАБОТНИЦИ: Работата е наменета за оние кои бараат нов почеток

ОД БИЛЕТИ ОД САМО 10 ЕВРА, ДО МЕГА ЛУКСУЗ: Ова се највозбудливите нови железнички линии во Европа

ОД БИЛЕТИ ОД САМО 10 ЕВРА, ДО МЕГА ЛУКСУЗ: Ова се највозбудливите нови железнички линии во Европа

ГАСОТ ВЕЌЕ ЧИНИ МНОГУ, СЕ ДУПЛИРАШЕ ЦЕНАТА: Нарушувањето на руското снабдување предизвикува хаос на пазарот - се заканува студено време и недостиг

ГАСОТ ВЕЌЕ ЧИНИ МНОГУ, СЕ ДУПЛИРАШЕ ЦЕНАТА: Нарушувањето на руското снабдување предизвикува хаос на пазарот - се заканува студено време и недостиг

УШТЕ ТРИ НОВИ ЧЛЕНОВИ: БРИКС се шири

УШТЕ ТРИ НОВИ ЧЛЕНОВИ: БРИКС се шири

ЗЛАТНИ РЕЗЕРВИ ВО СВЕТОТ: Некои земји ги зголемија, а други ги намалија

ЗЛАТНИ РЕЗЕРВИ ВО СВЕТОТ: Некои земји ги зголемија, а други ги намалија

ЦЕНИТЕ НА КАФЕТО И КАКАОТО УРИВААТ РЕКОРДИ: Што доведе до поскапување?

ЦЕНИТЕ НА КАФЕТО И КАКАОТО УРИВААТ РЕКОРДИ: Што доведе до поскапување?