УЖАСОТ ВО СТАЈКОВЦИ НЕ СЕ ЗАБОРАВА: Најтешко беше да ја гледаме маката во очите на оние кои изгубија се
Објавено во: Македонија 11 Август, 2016
Бугарски пожарникари се вратија од мисија во Македонија. Тие неколку дена помагаа по поплавите, кои ги однесоа животите на 22 лица. Во Благоевград, каде што беа свечено пречекани, за локалните бугарски телевизии тие раскажуваат за ужасот во очите на луѓето .
„Се беше во тиња, кал, хаос. Секој трчаше, бараше помош. Не чекаа, сакаа Бугарите да им помогнат, ни се радуваа. Не пречекуваа како херои“, раскажал главниот спасител Лачезар Стражаков кој испумпал вода од над 50 куќи во Стајковци.
„Најтешко беше да ја гледаме маката во очите на луѓето кои ги загубиле своите домови. Имаше разрушени куќи, како и станови, кои се подготвени да се урнат во секој миг. Целата покуќнина на луѓето беше уништена“, раскажува тој.
Благодарноста нема да ја заборават
„Најважен беше односот на луѓето. Сите беа благодарни, постојано не прашуваа дали имаме потреба од нешто, бидејќи гледаа дека работиме многу“, додава спасувачот. Колегата на Стражаков - Давид Гогов, кој исто така бил на спасувачките операции по водениот пекол во Скопје и околината, раскажа дека нивото на водата доаѓало до 1,50 метри, а на места и до 2 метри.
„Не ми се зборува за тагата во очите на луѓето поради катастрофата што ги зафатила“ рече уште Лачезар Стражаков и се сеќава на 80-годишната баба која им ги бакнувала рацете на луѓето од тимот поради тоа што се и помогнале.
Десет пожарникари од Благоевград не можат да го заборават ужасот во очите на луѓето од Скопје. Останале меѓу нив четири дена. Тие посакуваат поретко да има слични ситуации.