ВЕЧЕРВА: Промоција на новиот објект на Археолошкиот музеј на Македонија
Објавено во: Мои пари 18 Октомври, 2014
Свеченото отворање на Музејот е закажано за вечерва во 19 часот. Во импресивната постојана музејска поставка на 6.000 квадратни метри, ќе бидат изложени повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди.
По повеќе од 30 години, Република Македонија ќе добие најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори. Во новиот репрезентативен објект на Археолошкиот музеј на Македонија, чија промоција е закажана за 18 октомври, со почеток во 19 часот, ќе бидат изложени највредните примероци на нашето културно наследство, а на еден автентичен начин, со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика ќе биде раскажана милениумската историја и култура на територијата на Република Македонија.
Во изложбениот простор на три ката и на површина од 6.000 квадратни метри пред јавноста ќе бидат претставени повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди, започнувајќи од праисторијата па се до средниот век. Од огромна важност е што значаен дел од овие артефакти, меѓу кои и рановизантиските оригинални моизици од локалитетот Суводол, копијата на саркофагот на Александар Македонски, штитот од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, реконструкцијата на римската кочија од втор век од Делчево, како и стаклената чаша дијатрета од 4 век, за прв пат и ексклузивно ќе бидат презентирани пред јавноста.
Во музејот се застапени повеќе оддели, меѓу кои и: одделите за праисториска археологија, античка и средновековна археологија, кабинет за нумизматика, лапидариум, антрополошка поставка и уште многу други изненадувања кои на еден оригинален начин ќе бидат ултрамодерно имплементирани во целата поставка.
Археолошкиот музеј, освен богатата археолошка поставка, опремен е и со стаклени витрини, 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видео-анимации, амбиентални ситуации, мозаици од вредното културно наследство, а застапена е современо музеолошки конципирана реконструкција на објекти од неолитот.