ВЕРИЖЕН СУДАР НА ОБИКОЛНИЦА: се судриле автобус, товарно возило и автомобили - три лица пренесени во болница (ОБНОВЕНО)
Објавено во: Македонија 23 Јануари, 2025
Три лица се повредени во верижен судар што се случи синоќа на скопската обиколница кај Смилковското езеро во кој учествувале три автомобили, камион и автобус, соопшти МВР.
- На 22.01.2025 околу 20.20 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница Скопје, клучка Бутел кај Смилковско езеро кон Арачиново, се случила сообраќајна незгода во која учествувале три патнички возила, товарно возило и паркиран автобус. Од незгодата со повреди се здобиле тројца учесници кои се пренесени во скопските клиники - наведуваат од МВР.
Од МВР подоцна посочија дека камион со бугарски регистарски ознаки и возило со косовска регистрација се меѓу учесниците во верижниот судар што се случи синоќа на скопската обиколница кај Смилковското езеро, во кој беа повредени три лица од кои едно се здобило со потешки повреди.
- На 22.01.2025 околу 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот - обиколница на град Скопје, во близина на клучка Смилковци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.С.(54) од с.Арачиново, Скопско, патничко возило „хјундаи“ со косовски национални ознаки, управувано од Б.Б.(54) од Косово, патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Д.(27) од с.Радишани, Скопско, товарно возило „сканиа“ со приколка со бугарски национални ознаки, управувано од Д.Д.В.(55) од Бугарија и паркиран автобус „санос“ со скопски регистарски ознаки - наведуваат од МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на „голфот“ К.С. од Арачиново, додека со телесни повреди се здобиле возачите Б.Б. од Косово и М.Д од Радишани, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје.