16 Јануари, 2025
0.0265

ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА ЗА БАРОК: Дали Жерновски ја утна стратегијата за референдумот?

Објавено во: Македонија 27 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Резултатите од вчерашниот референдум за Градскиот трговски центар се поттик за продолжување на битката за задржување на автентичнот лик на ГТЦ- порачуваат од Граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ”. Иако цензусот за успешноста на референдумот не се исполни, резултатите што се постигнаа се поуспешни и од гласовите што претходните избори ги освоиле сите политичари и партии, велат членовите на иницијативата. Според резултатите од Државната изборна комисија излезеноста на референдумот беше 40, 7 отсто, од кои 96,2 проценти гласале за задржување на автентичниот изглед на ГТЦ. Според правилата, за референдумот да биде успешен, „ЗА“ задржување на автентичниот изглед за ГТЦ излезноста требаше да биде 51 отсто или да гласаат околу 22.000 граѓани, од вкупно запишаните 43.560 граѓани во општина Центар, а половина од излезените гласачи, да се изјаснат потврдно на референдумското прашање. -11111051_1592939097651252_3342332429879063991_nГТЦ доби повеќе гласови од сите политичари и партии до сега. Борбата продолжува и нашата битка сега почнува.  Иако цензусот не се исполни, резултатите покажуваат дека ГТЦ освои повеќе гласови од било која политичка партија досега, за мене оваа бројка е импресивна, ова е победа за ГТЦ, и покрај сите опструкции, кои ги очекувавме дека ќе се случуваат. Ние влеговме во игра со сите слабости на системот. Она што навистина ме разочара е игнорантскиот однос на дел од медиумите кои дури не известија за референдумот. Наша обврска е да ја продолжиме битката за ГТЦ и ова е голема задача за нас. Нашиот следен чекор е ГТЦ да биде репрогласен за културно наследство, што би значело дефинирање на нов режим на заштита, што пак значи гарант за зачувување на неговата автентичност. ГТЦ ќе остане таков каков што е, што и да му се подготвува, мора да се задржи автентичниот лик на ГТЦ,  вели за Фактор Даница Павловска-Циги, архитект и претседател на Граѓанската иницијатива Го сакам ГТЦ. Од Асоцијацијата на архитекти велат дека очекувале успех, но порачуваат дека никогаш нема да се откажат од ГТЦ. -Да не се залажуваме референдумот не успеа. Јас силно верував во успех. Сметав дека е тоа минимумот кој моравме да го исполниме затоа што се друго дозволивме. Без разлика на нерамноправната битка во која влеговме свесно, мислев дека ја научивме лекцијата. За жал погрешив. Признавам дека сум разочарана, но не во ГТЦ, во луѓето. ГТЦ победи, освои гласови како ниеден политичар во Општина Центар до сега. Ние изгубивме како луѓе, доживеавме пораз како народ. Повторно се исплашивме. Повторно грчевито се држиме за бедните остатоци на она што мислиме дека е сигурност и удобност. ГТЦ покажа дека е подобар од нас. Прашање е дали го заслужуваме? ААМ никогаш нема да се откаже од ГТЦ и архитектурата. ААМ се заблагодараува на сите свои членови, на УО на ААМ, на сите оние волонтери кои несебично се ангажираа и чесно веруваа во успехот на референдумот. ААМ се заблагодарува на сите граѓани кои излегоа и покажаа дека умеат да препознаат вистинска вредност. На оние кои не излегоа, убавина со сила не може да им се даде, тие ги жалам. ГТЦ благословени сме што те имаме, вели претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ. Зошто не успеа референдумот? Набљудувачите од граѓанските асоции „МОСТ“ и „Цивил“, забележале неправилности при спороведувањето на референдумот. Најчести проблеми биле погрешно откинување на гласачките ливчиња и граѓани кои не можеа да се пронајдат во избирачкиот список, а биле забележани и лица кои ги евидентирале гласачите и ги одвраќале од гласање, исклучување на лифтови, преместување на граѓаните на различни избирачки места. Дел од граѓаните на гласањето реагираа дека не можат да се најдат во избирачкиот список, но и дека се исклучувале лифтовите во зградите. Деновите пред референдумот, градоначалникот на Центар Жерновски, изјави дека дека голем број граѓани на Центар пријавиле дека биле посетувани од активисти кои лажно се претставувале дека се членови на невладино здружение на архитекти и ги лажеле граѓаните дека референдумот во недела е откажан, дека е невалиден или нелегитимен. Дали нерегуларностите и притисоците го саботираа референдумот? Дел од аналитичарите гледаат и друга позадина, односно лоша проценка за процентот на излезеноста. -Мислам дека се работи за повеќе стратешки грешки во континуитет. Сметам дека целата проценка за распишување на референдумот и стратегијата за тоа колкава излезност може да се обезбеди се базирани на погрешни сознанија и анализи. Професионалните анкети покажуваат дека во Центар критичката јавност е веќе освоена и постојат многу мал процент гласови кои што може да се зголеми и мислам дека опозицијата го знаела или требала да го знае. Овие бројки беа однапред познати бидејќи ги имаме резултаите од претходните избори, и јас очекував да бидат слични. Секако и проблемите со избирачкиот список имаат придонес кон резултатот на референдумот. Но проблемите со избирачкиот список и со високот праг на цензус за референдум се однапред познати работи, вели во интервју за 24 Вести, аналитичарот Петар Арсовски. Жерновски: Автентичноста на ГТЦ не смее никој да се осмели да ја наруши Градоначалникот на општина Центар изјави дека тоа што над 95 отсто од граѓаните на референдумот гласаа „за“ е катастрофален пораз за барокот и за проектот Скопје 2014. И тој порача дека не нема да се отклажат од битката за ГТЦ. -Сведоци сме на сценарио кои се повтори-притисоци на јавната администрација, префлање на гласачи од едно на друго место. Над 95 проценти од оние што излегоа на референдум гласаа за зачувување на автентичноста на ГТЦ. Според резултатите, ГТЦ го доби највисокиот резултат воопшто во општина Центар ако споредиме наназад со кои било локални, парламентарни или претседателски избори. Тоа значи дека ниту една власт не смее да го чепне ГТЦ, тоа значи дека Центар го доби најголемиот резултат досега во општина Центар. Владејачката структура направи еден невиден притисок кој не можам да го разберам. Јас разбирам ставот да е „за“ или „против“, но ваков притисок да не се излезе на гласање е нешто што не доликува, особено од партија што е на власт. За мене овој референдум е прв чекор на враќање на власта кон глачачите, јас како градоначалник се ќе направам ГТЦ да остане како што е, изјави Жерновски. ВМРО ДПМНЕ: Немаше политичка партиципација на овој референдум освен административна во согласност со законот. -Целиот влог на градоначалникот Жерновски, целиот капацитет на СДСМ од цела Македонија и целата машинерија на невладини организации и медиуми финансирани од Фондацијата Сорос беше дел од овој референдум. После денешниот ден треба да разберат дека граѓаните нема да прифатат политизација која им користи само на политичарите и партиите. Граѓаните сакаат работа, работни места, изградба на инфраструктура, булевари, патишта, градинки. Денес во вода паднаа и анкетите кои градоначалникот Жерновски и СДСМ ги објавуваа во минатите денови со кои тврдеа дека дури 68% од граѓаните го подржуваат нивниот став. Денес е јасно дека или СДСМ и Жерновски ја лажеле целата јавност или нив ги излажал оној кој им ја направил таа анкета. Би сакал да потенцирам дека ВМРО-ДПМНЕ немаше политичка партиципација на овој референдум освен административна во согласност со законот. ВМРО-ДПМНЕ немаше повик граѓаните да не учествуваат на овој референдум и немаше кампања која би повикувала на гласање или не за овој референдум, изјави Илија Димовски. Архитектонското биро “Архитектоника“ го изработува основниот проект Во февруари годинава министерството за транспорт и врски ја избра консултантската куќа што ќе треба да изготви физибилити – студија за да се утврди колкав е интересот од потенцијални инвеститори за вложување во реконструкција и надградба на Градскиот трговски центар. Документот треба да ја утврди исплатливоста на најавеното вложување во „барокизација“ на еден од најпознатите објекти во Скопје. Додека се истражува теренот и во пресрет на референдумот, архитектонското биро “Архитектоника“, го изработува основниот проект за реконструкција и надградба на ГТЦ, врз основа на идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според идејното решение на авторите, фасадата која гледа кон Собранието ќе биде неокласицистички стил со десетици антички столбови, а на кровот ќе има голема тераса со неколку скулптури, куполи. И другите страни ќе добијат соодветни украси со бронзени или елементи со златно-жолта боја . Се предвидува целосно затворање на трговскиот по принципот на моловите и надградба со уште еден спрат. Асоцијацијата на архитекти на Македонија и граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” досега организираа низа настани за спас на ГТЦ од трендот на барокизација. Два пати се организираше симболично гушкање на трговскиот центар, се собираа потписи за спас на ГТЦ. Кон крајот на минатата година се спроведе и кампања со различни настани, видео спотови, кои имаа за цел да покажат зошто ГТЦ не треба да има барокна фасада. Од ААМ и од и граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” неколку пати бараа средби со надлежните но безуспешно. Сегашниот објект ГТЦ е изграден според идејното решение на познатиот професор и архитект Живко Поповски, кој на конкурсот во 1967 година ја добил наградата за проектот, а ГТЦ е изграден во 1973 година. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Македонија 20 години е во чекалната на ЕУ, Муцунски очекува крупни чекори годинава

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Македонија 20 години е во чекалната на ЕУ, Муцунски очекува крупни чекори годинава

ВЕВЧАНЦИ: Се работи за популарните зомби по филмовите и немаат никаква поврзаност со Зијадин Села

ВЕВЧАНЦИ: Се работи за популарните зомби по филмовите и немаат никаква поврзаност со Зијадин Села

МУЦУНСКИ: Oдбележуваме еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус

МУЦУНСКИ: Oдбележуваме еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус

НЕ СПОДЕЛУВАЈТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ: Креиран е лажен профил со податоци на Венко Филипче

НЕ СПОДЕЛУВАЈТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ: Креиран е лажен профил со податоци на Венко Филипче

Државен завод за ревизија: Имаме 100 скривници, ДЗС ги има запуштено

Државен завод за ревизија: Имаме 100 скривници, ДЗС ги има запуштено

Ќе купуваме „тајно“ оружје од САД

Ќе купуваме „тајно“ оружје од САД

НА МЛАД ПАЦИЕНТ Е ИЗВРШЕНА УСПЕШНА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКА: Корегиран деформитет на стапалото од церебрална парализа

НА МЛАД ПАЦИЕНТ Е ИЗВРШЕНА УСПЕШНА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКА: Корегиран деформитет на стапалото од церебрална парализа

Потрагата по Лидија од Јурумлери заврши трагично

Потрагата по Лидија од Јурумлери заврши трагично

„Атентат“ на Зијадин Села на Вевчанскиот карневал, ДУИ реагира

„Атентат“ на Зијадин Села на Вевчанскиот карневал, ДУИ реагира