Викенд без ДДВ: За поврат на цел данок треба да купите компјутер или некој домашен производ
Објавено во: Економија 28 Септември, 2020
Голем интерес предизвика кај граѓаните проектот викенд без ДДВ за кој вчер апремиерот Зоран Заев рече дека ќе биде во текот на продолжениот викенд од 10 до 12 октомври односно во тие три дена од кои два се во викенд а еден е споен работен ден.
Заев рече дека оваа мерка треба да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“. Тие за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари. Повратот на целиот платен ДДВ ќе го добијат назад во рок од неколку дена на своите сметки.
Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ.
Што можат да купат, каде и по колку? Граѓаните имаат многу нејаснотии. Од Владата за Фактор велат дека ќе има можност за поставување прашања на посебен мејл. Генерално за да им биде вратен ДДВ во цел износ ќе мора да купат се што е македонско - дали храна и каков било производ произведен во Македонија или пак да добијат некаква услуга во домашен дуќан - фризерница на пример. Сепак ќе им се враќа цел ДДВ и на купен компјутер или лаптоп на пример односно се што е ИТ опрема.
Само дуќанот ќе треба да има апарат со фискални сметки каде точно е определено што е од македонски а што промет од производи од странство.
Се поставува само прашањето што работи во викенд освен големите молови и некои маркети.
А.Т.