Во кризните подрачја поделени 14.000 пакети со храна
Објавено во: Македонија 12 Август, 2016
Во кризните подрачја од Црвениот Крст досега однеле околу 14.000 пакети со храна за семејствата кои беа погодени од поплавата во саботата.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити во интервју за МИА потенцира дека имаат доволно резерви на храна, хигиенски средства, ќебиња, душеци и се што е потребно.
„Поделивме околу 2.500 ќебиња, околу 600 душеци, околу 400 - 500 кг облека за луѓето, поделивме средства за хигиена, за дезинфекција. Поделивме колички за инвалиди, како и помагала за стари лица. Тоа се работи кои другите организиции не ги гледаат и не ги забележуваат. Во меѓувреме посетувавме стари лица, изнемоштени, кои хронично се болни. Нашите медицински тимови им вршеа преврски и мерење притисок, шеќер итн. Тоа се прави и во моментот. Работевме следејќи ги приоритетите на луѓето“ - вели Саити.
Тој објаснува дека досега приоритет биле водата и храната и дека информациите од терен говорат дека отсега ќе бидат потребни средства за дезинфекција.
Саити додава дека имаат прилив на дополнителни донации од повеќе фирми од земјава како и од странство.