Добивај вести на Viber
Во пресерет на првиот локален референдум, од денеска почнува кампањата "Излези за ГТЦ". Во паркот Жена Парк во 20:00 часот, со кратки пораки ќе се обратат и претставници на иницијативата "Го сакам ГТЦ", Асоцијацијата на Архитекти на Македонија и граѓански активисти.Предвидени се и настапи на познати македонски пеачи и групи, поддржувачи на кампањата. Според истражувањето на јавното мислење, спроведено од Граѓанското движење “Го сакам ГТЦ”, дури 86,2% од граѓаните ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“, додека 32,5% од жителите на скопски Центар во изминативе две години учествувале на барем една активност или кампања, како што е гушкањето на Градскиот трговски центар, потпишувањето петиција или протестирањето. Во анкетното истражување биле вклучени 600 испитаници, и најголем дел од нив 82,1 %, рекле дека ГТЦ мора да се реконструира, но да го задржи сегашниот лик.Од Грѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” очекуваат позитивен исход од референдумот, закажан за на 26-ти овој месец.
- Дури 85 проценти од жителите на општина Центар го поддржуваат референдумот и задржувањето на автентичноста на ГТЦ. Мора да кажам дека за да се дојде до оваа цел која што е заедничка во смилса на сите активисти и таа интеракција со граѓаните, во овие две години што поминаа ние направивме едно просветлување и расветлување на тој комплекс на таа структура, гледавме да им го покажаме на граѓаните она што тие како корисници можеби не можат да го препознаат, меѓутоа го користат, а ние го знаеме како стручњаци. Дали е тоа инзвонредниот функциуонален концепт, дали е тоа реплика на Старата скопска чаршија од оваа страна на градот, затоа што така пулсира ГТЦ и ред други аспекти.
Да објасниме дека е тој во ваква девастирана состојба сега токму затоа што не е обновуван , барем не со таков интензитет како што заслужува. На ГТЦ му е потребно да блесни во сиот свој сјај , но автентичноста е нон- сенс да се наруши, особено што предложениот проект предлага затворање на објектот, тоа е упад во идејата тоа е нова идеја, тоа е мол систем. ГТЦ не е ниту Сити мол, ниту Рамстор, ниту Капитол, ГТЦ е повеќе улица од комерцијален простор. ГТЦ е пред се и срце на градот пулсира, и мораме да го сочуваме за идните генерации. Имам информации дека и од останатите општини имаат желба за гласање, што не охрабрува, вели
Даница Павловска- Циги, архитект и претседател на Граѓанската иницијатива “Го Сакам ГТЦ”.
Минатата година слична анкета спроведе и Фактор, и резултатите се речиси идентични. Градскиот трговски центар во Скопје треба да се реконструира но да го задржи сегашниот архитектонски изглед, вака се изјаснија над 82 отсто од читателите на анкетата што ја спроведе порталот Фактор меѓу своите читатели. Само 18 отсто од читателите сметаа дека ГТЦ треба да се реконструира и да добие целосно нов лик во барокен стил.
Иницијатива за прогласување на ГТЦ за културно наследство
Архитектите најавуваат дека освен референдумот, имаат подготвено и иницијатива за прогласување на ГТЦ за културно наследство.
-Сите сме свесни дека објектот бара обнова и дека како тема може да се испровоцираа повеќе одлучувачи. Ние подготвивме една иницијатива за прогласување на ГТЦ за културно наследство и сметаме дека е тоа еден момент кој што ќе го изнесе проблемот и на меѓународно ниво.Ќе има референдумско пршање ќе видиме како ќе заврши. На 26-ти овој месец треба да излезат луѓето и да решат, не да се одлучат за какава политика туку за одбрана на заеднички интерес. Ако на реферндумот има повеќе “за” , тогаш има обврска Советот на општина Центар да донесе одлука за третманот на фасадата на ГТЦ, вели Павловска.
Експертите за културно наследство велат дека постои основа за заштита на ГТЦ како културно наследство од особено значење. Допоплително укажуваат ако референдумот заврши во корист на автентичноста на ГТЦ, идниот проект да го изработува институција за заштита на културните наследства.
-Иницијативата е многу значаен документ, затоа што ние како граѓани и граѓански здруженија , законот ни дозволува до надлежните институции да предложиме иницијатива за ревалоризација на ГТЦ како културно наследство од особено значење под категорија големо, иако според критериумите во законот дефинитивно она што ние го истакнавме како вредносни критериуми ја надминуваат таа категорија, и може да биде дури и од исклучително значење бидејќи е навистина уникатен. Во овој контекст, а во врска со донесената одлука за референдум е многу важно идниот проект да го донесе и да го изработи надлежена институција за заштита, а трошоците за тој проект треба да си бидат од буџетот, односно преку Министерството за култура, вели
Донка Барџиева Трајковска, претседател на Центарот за културно наследство.
Сегашниот објект на ГТЦ е изграден според идејното решение на професорот
Живко Поповски, кој на конкурсот во 1967 година ја добил наградата за проектот, а ГТЦ е изграден во 1971 година, од средствата за солидарност по земјотресот на Скопје. Токму затоа екпсертите укажуваат дека објектот треба да биде заштитен како културно наследство од особено значење.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија и граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” досега организираа низа настани за спас на ГТЦ од трендот на барокизација. Два пати се организираше симболично гушкање на трговскиот центар, се собираа потписи за спас на ГТЦ. Кон крајот на минатата година се спроведе и кампања со различни настани, видео спотови, кои имаа за цел да покажат зошто ГТЦ не треба да има барокна фасада. Од ААМ и од и граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ” неколку пати бараа средби со надлежните но безуспешно. Во целиот период додека преку најразлични кампањи архитектите се обидуваа да ја докажат вредноста на делата на познати архитекти како што е ГТЦ и зошто е важно да го задржи автентичниот изглед на овој архитектонски белег на Скопје, властите остнаа глуви и продолжија да ја тукраат постапката за изведбениот проект.
Во февруари годинава министерството за транспорт и врски ја избра консултантската куќа што ќе треба да изготви физибилити – студија за да се утврди колкав е интересот од потенцијални инвеститори за вложување во реконструкција и надградба на Градскиот трговски центар. Документот треба да ја утврди исплатливоста на најавеното вложување во „барокизација“ на еден од најпознатите објекти во Скопје. За најповолен понудувач е прогласена компанијата „Грант Торнтон Консалтинг“, а за изработка на физибилити студијата од буџетот се одвоија над 95.000 евра. Студијата треба да биде готова за една година, а потоа ќе биде ќе се донесе одлука дали ќе се пристапи кон изведба на проектот за рефасадирање на трговскиот центар. Во меѓувреме додека се истражува теренот и во пресрет на референдумот, архитектонското биро “Архитектоника“, го изработува основниот проект за реконструкција и надградба на ГТЦ, врз основа на идејното решение на авторите
Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според идејното решение на авторите, фасадата која гледа кон Собранието ќе биде неокласицистички стил со десетици антички столбови, а на кровот ќе има голема тераса со неколку скулптури, куполи. И другите страни ќе добијат соодветни украси со бронзени или елементи со златно-жолта боја .Се предвидува целосно затворање на трговскиот по принципот на моловите и надградба со уште еден спрат.
Ј.С