Во Скопје евидентирани 16 потреси во рок од два дена
Објавено во: Македонија 13 Септември, 2016
Во Скопје се регистрирани 16 потреси во рок од два дена.
Во саботата имаше 12 земјотреси, а вчера 4, покажуваат податоците на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.
Најсилниот земјотрес беше вo неделата во 15.10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер, а епицентарот беше на 7 километри источно од Скопје. Истиот ден во 7 часот наутро беше регистриран земјотрес од 4,4 степени според Рихтеровата скала.
Граѓаните вчера почувствуваа два последователни земјотреси во 19.53 часот - првиот земјотрес беше со магнитуда од 2,4, а вториот од 4 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот и на овие земјотреси бил во источниот дел на скопското епицентрално подрачје. Вчера во 11.50 и 14.19 беа почувствувани земјотреси со магнитуди од 2,3 и 3,7 степени.
Земјотресите предизвикаа помали материјални штети, оштетени преградни ѕидови, паднати оџаци и слично. Лекарска помош за помали повреди и скршеници побарале стотина граѓани. Тие се повредиле бегајќи од земјотресот.