Вонредна авионска дезинсекција во поплавените подрачја
Објавено во: Македонија 12 Август, 2016
Вонредна авионска дезинсекција против возрасни форми на комарци во раните утрински часови се врши во Бутел, Илинден, Арачиново, Ченто, Стајковци, Страчинци, Црешево, Инџиково, Виниче, Смилковци и другите населени места кои се поплавени, информираат од Град Скопје.
Екипите на Град Скопје и на јавните градски и државни претпријатија, АРМ и голем број волонтери работат на расчистување на сите населени места кои беа погодени од големото невреме во саботата. На терен се работи постојано со механизација која во најголем дел е од јавните и државни претпријатија, а голем дел е помош од другите општини во Македонија, земјите од соседството, како и механизација од домашни компании. Улиците во погодените места во скопско веќе се проодни.
Од Народна Република Кина вчера стигна помош која се состои од голем број ќебиња и душеци, а пристигнале и екипи и возила за спасување од Истанбул.
Во изминатите денови по поплавите, за загрозените донираа земјите од соседството, пријателските земји, Обединета Македонска Дијаспора и други.