Возете се заедно за да заштедите и да го намалите загадувањето
Објавено во: Македонија 19 Септември, 2016
Град Скопје се приклучува на глобалната иницијатива „Сподели возило“ како дел од активностите за одбележување на Европската недела на мобилност под мотото „Сподели превоз, заштеди пари, зачувај ја средината“.
Идејата е да се сподели превоз со колегата, соседот, соученикот бидејќи во Скопје има премногу автомобили на улиците, а најчесто возачите се сами. Тоа може да се промени ако им дадете превоз на вашите соседи или лица со кои делите заедничка дестинација.
„Проектот ’Сподели возило‘ е начин за транспорт од една до друга локација преку споделување на нашето возило со нашиот сосед, колега, со луѓето од истата населба, односно, организирано заедничко патување во иста насока и време. Со овој проект сите може да дадеме придонес за заштита на животната средина, намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж во нашиот град“, рече градоначалникот Коце Трајановски.Ваквата сообраќајна култура подолго време се развива во европските земји, а одлични резултати може да даде и во Скопје, сметаат градските власти.