ЗА НОВА ГОДИНА ЌЕ БИДАТ ДОМА: Русија и Украина разменија воени заробеници
Објавено во: Свет 30 Декември, 2024
Двете завојувани страни, Украина и Русија денеска разменија најмалку 300 воени заробеници.
Руското Министерство за одбрана информираше дека разменило 150 заробени украински војници за исто толку руски војници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 189 затвореници, меѓу кои и двајца цивили, се вратиле дома.
Руските затвореници се ослободени на територијата на Белорусија и префрлени во Русија, објави руското Министерство за одбрана.
Двете страни рекоа дека Обединетите Арапски Емирати посредувале во размената. Украинскиот координативен штаб за третман на воени заробеници размената ја нарече една од најголемите од почетокот на војната во 2022 година.
Руската комесарка за човекови права Татјана Москалкова објави фотографии од војници пред автобуси на Телеграм.
„Наскоро нашите момчиња ќе ги прегрнат своите семејства и пријатели и ќе ја дочекаат Новата година во нивната родна земја“, рече таа.
Меѓу ослободените украински затвореници има и украински војници кои ги бранеа Азовстал и Мариупол, нуклеарната централа Чернобил, Змискиот остров и други делови од украинската територија, објави Украина. На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа дека група граѓани со знамиња и пеејќи ја химната пред зграда дочекаа ослободен бранител од Азов. Русија на 24 февруари 2022 година ја почна инвазијата на Украина.