За поплавените скопјани две пратки помош од Грција
Објавено во: Македонија 12 Август, 2016
Соседна Грција испраќа две пратки со помош за настраданите во поплавите во скопско.
Првата пратка треба да пристигне попладнево, соопштија од Канцеларијата за врски на Грција во Скопје. Објаснуваат дека генералниот секретаријат за цивилна заштита во соработка со грчката противпожарна бригада во земјава испраќаат пет преносни пумпи за вода и пет генератори за струја.
Министерството за цивилна заштита на Грција и Министерството за внатрешни работи на Македонија се во консултации за доделување на дополнителна помош која им е неопходна на властите во земјава за санирање на поплавите.
„Втората пратка со помош од Грција е предвидено да биде испратена утре“- стои во соопштението од грчката канцеларија за врски.
Досега повеќе земји донираа за Македонија, и тоа техничка опрема или парични средства. Утре во 10 часот се очекува да пристигне и донацијата од Чешка.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека во понеделник се очекува да стигне и донација од Унгарија.