За случајот на Мартин Нешковски – Протест пред Влада во 17 ч
Објавено во: Македонија 05 Мај, 2015
Како што можевте да слушнете опозицискиот лидер на СДСМ, Зоран Заев објави аудио снимки, од кои како што тврди се директни докази поврзани со убиството на младиот Мартин Нешковски и дека обвинетиот за убиството Игор Спасов, за време на несреќата бил на службена должност и му бил обезбедување на премиерот, а не приватно лице.
За „Фокус“ братот на Мартин, Александар Нешкоски, истакнал дека револтот и незадоволството ќе го искажат пред Владата денес во 17 часот.
-Во 17 часот ќе протестираме пред Владата. Ние како семејство ќе излеземе на улица, а ги повикуваме и останатите граѓани да ни се приклучат, бидејќи бевме изманипулирани и излажани. Цело време тврдевме дека Спасов таа ноќ бил на службена должност и затоа баравме командна одговорност, а сега истото со снимките се потврди. Против ваквите неправди ќе се бориме на улица, бидејќи видовме како случајот заврши во институциите, вели Нешкоски.
Александар за горенаведениот медиум посочил дека во моментот е збунет и затекнат, но најавил дека наредните денови ќе размислат како овој случај повторно да влезе во судница, и таму да се открие целата вистина.