Зошто страдаат пешаците во Република Македонија?
Објавено во: Македонија 13 Февруари, 2017
Како на глобално ниво, така и во Република Македонија, околу 25% од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Изразено во апсолутни бројки, во Република Македонија, во просек, годишно од 30 до 35 лица – пешаци го губат животот во сообраќајни незгоди. Во 2016 година, 35 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 17 се на возраст на 65 години.
Прашањето кое се наметнува е: Зошто страдаат пешаците во Македонија?
Една од првите животни и училишни лекции на секој човек е како безбедно да се премине улицата, но не сите научиле или барем тоа не се покажува во секојдневната пракса. Затоа, РСБСП уште еднаш потсетува на најважните правила кои треба да ги практикуваат пешаците.
-Улицата се преминува исклучиво на пешачки премин откако претходно ќе се уверите дека возилата кои се движат по коловозот може безбедно да застанат. Важно е да се потенцира дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на минување и пешачкиот премин го означува местото каде се поминува улицата, а моментот на преминување зависи од случувањата во сообраќајот.Сообраќајните правила и прописи се важни, а исто така важни се и добрите навики и корисните практики кои можеби не се предвидени со законот, а кои може значително да ја подобрат безбедноста на пешаците во сообраќајот. Овде посебно ја истакнуваме потребата за користење на флоуросцентни елечиња и други аксесори кои ја подобруваат видливоста на пешаците, особено во услови на намалена видливост надвор од населени места и во населени места низ кои поминуваат магистрални и регионални патишта, а кои не се доволно осветлени.
Наспроти сите сообраќајни правила и прописи и добри практики голем дел од пешаците се оснесуваат крајно неодговорно и на тој начин го загрозуваат сопствениот живот и безбедното одвивање на сообраќајот. Секојдневните примери покажуваат дека пешаците ја поминуваат улица на црвен пешачки семафор, надвор од пешачки премин без да погледнат лево и десно, се движат помеѓу двете коловозни ленти, го пресекуваат текот на сообраќајот кога и каде ним им одговара, непотребно се задржуваат на коловозот, користат мобилни телефони, слушат музика и не го следаат сообраќајот и случувањата во сообраќајот, итн.
Одговорот зошто страдаат пешаците во сообраќајот е поради непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, ниската сообраќајна култура и лошите навики на однесување во сообраќајот.
Одговорноста на возачите за безбедноста на пешаците во сообраќајот не е ништо помала, потенцираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.