Божиновска: Крај на ризиците од испади – новиот трансформатор во Битола носи стабилност
Објавено во: Економија 09 Јануари, 2025
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во придружба на директорот на АД МЕПСО, Бурим Латифи, ја посети трансформаторската станица (ТС) Битола 2 по повод пуштање во употреба на новиот 400/110 kV трансформатор.
Оваа инвестиција,како што објавија од министерството, претставува пресвртница и клучен чекор во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападниот регион на земјата и целиот електроенергетски систем.
„Нашата мрежа беше изложена на сериозен ризик, особено поради двата изгорени трансформатори, што создаде реална опасност од колапс на целиот електроенергетски систем.. Новиот трансформатор ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето со електрична енергија во градовите Битола, Прилеп, Ресен, Охрид и Струга, обезбедувајќи стабилно снабдување за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци. Дополнително, ќе овозможи непречено производство на електрична енергија во РЕК Битола, кој е клучен снабдувач на електрична енергија во државата.“, изјави Божиновска.
За транспорт на трансформаторот беа потребни дозволи за транзит низ неколку земји.