Нема да има можност за работа по навршување на староста за пензија
Објавено во: Македонија 31 Август, 2020
Задолжително пензионирање на 64 години за мажи и 62 години за жени ќе изгласа Владата во првите сто дена од мандатот, најави соноќа премиерот Зоран Заев во првата изјава по изборот зборувајќи на темата за рационализација на јавната админстрација. Со тоа ќе се укине можноста некој вработен и по навршувањето на годините за пензионирање да може да остане на работа, опција која сега ја има. Заев сепак рече дека исклучок од ова ќе бидат здравствените работници
„Законот ќе биде изгласан од првите сто дена, а ќе биде со важност од 1 јануари следната година. Тоа значи задолжително пензионирање на 64 години за мажи и 62 години за жени. Исклучок од тоа ќе бидат здравствените работници, лекарите и медицинските сестри и вработени во високото образование кои се навистина дефицитарни кадри. Потоа ќе има можност за предвремено пензионирање со пет години порано одење во пензија, но и можност за префрлување на некои административци во приватниот сектор, во соработка со стопанските комори за поголеми плати таму, рече Заев.
Премиерот рече дека нема да има бркање од работа. Владата се обврза да намали 20 отсто од јавната администрација и во програмата за работата на оваа Влада. Фактор веќе пишуваше дека предвидено е и зголемување на платите на административците ама по заслуга.
За предвременото пензионирање сите детали овде.
А.Т.