Путин направи историски чекор, на ред е Трамп
Објавено во: Свет 28 Септември, 2017
Рускиот претседател, Владимир Путин вчера изјави ќе го уништи последното хемиско оружје, поздравувајќи го овој потег како „историски настан" и ги обвини САД дека не го следат примерот.
Овие парчиња оружје Русија ги наследи од периодот на Студената војна. Станува збор за последниот од седумте комплекси за уништување на хемиско оружје во Русија што сѐ уште е активен, додека останатите шест беа затворени од 2005 до 2015 година. Путин објави дека Русија ќе уништи вкупно 39.967 тони хемиско оружје.
„Ова е огромен чекор кон поурамнотежен и побезбеден современ свет“- вели тој.
Путин го искористи говорот да каже дека САД не ги изврши своите меѓународни должности во целост.
„САД „за жал, не ги извршија своите обврски кога станува збор за временската рамка за уништување на хемиското оружје. Тие веќе три пати го одложуваа рокот за ликвидација“- додава Путин.
Путин очекува напорите на Русија за елиминирање на хемиското оружје да служат како пример за другите земји.
Тој рече дека Вашингтон ги одложил плановите за уништување на своето хемиско оружје, поради недоволно средства, за што рече дека „изгледа малку чудно“, пренесе АФП.
Администрацијата на САД засега не ги коментираше обвинувањата на Путин.
Русија и САД се обврзаа дека ќе ги уништат резервите на хемиско оружје до април 2012 година врз основа на Конвенцијата за забрана на хемиско оружје од 1997 година, но тој рок не беше испочитуван. САД одредија нов рок до 2023 година за целосно уништување на своите резерви.