Малески: Новата грчка власт носи неизвесност, ама Преспанскиот договор е цврст
Објавено во: Македонија 08 Јули, 2019
Промената на власта во Грција внесува една доза неизвесност и за односите на оваа земја со Македонија, вели за Фактор професорот Денко Малески, кој е и поранешен министер за надворешни работи. Нова Демократија издвои убедлива победа на изборите, а на местото на „македонскиот пријател“ Алексис Ципрас на премиерското столче сeднува Кирјакос Мицотакис. Зошто неизвесност, Малески вели дека никогаш не се знае што е во главите на политичарите кои доаѓаат на власт по изборите. Мицотакис инаку уште во опозиција имаше коментари дека ќе го блокира членството на Македонија во Европската Унија, а тврдеше и дека се спорни делови од Преспанскиот договор. Малески вели сепак дека рамката на овој договор е многу цврста.
„Во нашиот случај мислам дека главната рамка на договорот е цврста, толку цврста да не може да биде изместена од новите луѓе во Атина. Ние веќе стануваме членка на НАТО со решен проблем, со решение за името за кое имаше консензус дека е големо достигнување. Сепак што се однесува до ЕУ, пристапувањето е повеќегодишен и посложен процес. Секоја членка може да оспорува нешто, па и евентуално членство на друга држава. Без оглед на се, постои нешто што се вика углед, а тој се стекнува и се губи со почитување и непочитување на договорите кои ги склучиле државите. На крајот институциите на Грција го потврдија овој договор, го изгласаа. Може да сменат некои работи но тоа е договор кој плебистицарно е поддржан од сите западни држави кои го оценија како историски, вели Малески.
Премиерот Зоран Заев и јавно тврдеше дека Ципрас му е добар пријател, то ане го криеше ниту Гркот. Сега и Македонија ќе треба да соработува со новата власт, па Малески вели дека треба да се негуваат убави односи.
„Ние можеби би сакале Ципрас да добиеше уште еден мандат, но граѓаните на Грција одлучија власта да се смени. Како што се почитува нивната волја таму, треба да ја почитуваме и ние. Ќе мора да се соработува со десницата иако ќе се согласат сите, околностите сега се драстично променети во однос на претходниот мандат на Неа демократија, вели Малески.
А.Т.