Добивај вести на Viber
За новиот вирус кој ги наполни болниците во Кина, а кој деновиве предизвикува паника кај луѓето, се огласи д-р Драган Даниловски, кој истакна дека не треба да се крева паника.
„БЕЗ ПАНИКА! HMPV Е ДАМНЕШЕН „СОЖИТЕЛ“ НА ЛУЃЕТО
Во умерените климатски подрачја на планетава – во моментов, на северната хемисфера – вообичаено е трендовите на акутните респираторни инфекции да се зголемуваат во овој период од годината.
Овие зголемувања обично се предизвикани од сезонскиот грип, респираторниот синцицијален вирус (RSV) и други вообичаени респираторни вируси, во кои спаѓа и човечкиот метапневмовирус (human metapneumovirus - HMPV), како и mycoplasma pneumoniae.
Оттаму, извештаите во медиумите за зголемен број хоспитализации во Кина, наводно, заради инфекции со НMPV, не се докрај точни, зашто, таму зголемен е бројот и на сите други респираторни вируси! Како што е сосема вообичаено во зима!
Патем, НMPV воопшто не е нов вирус (како што беше короната)! Тој е дел од „коктелот“ респираторни вируси кои се „добри познајници“ на човекот, отсекогаш.
Што значи дека човечкиот организам веќе има воспоставено одбранбени механизми против него.
Што значи, исто така, дека сите треба да бидеме апсолутно спокојни! Место за страв од нова пандемија нема! А вознемирувачките написи во порталите – игнорирајте ги!
Мерките за превенција и третман се сосема исти како за обичните настинки.“, напиша тој.