Ќе има ли кој да работи во Бугарија?
Објавено во: Балкан 08 Септември, 2016
Само за 5 до 10 години на бугарскиот пазар на труд ќе недостасуваат барем 400 000 луѓе.
Бидејќи Бугарите продолжуваат да емигрираат, а вработените странци во земјата се премалку, изгледите за иднината воопшто не се розови.
Болници без медицински сестри, училишта без учители, автомобилски фабрики без механичари. По неколку години Бугарија може да изгледа токму така. Причината е што во последните децении стотици илјади Бугари избраа да живеат и работат во странство. Малку од нив се враќаат, а вработените странци во Бугарија се бројат на прсти.
Во следните 2-3 години индустријата ќе има потреба од околу 25 000 ниско и средно квалификувани кадри.
Потребата од софтверски инженери расте - во оваа индустрија ќе бидат потребни 30 000 луѓе.
Околу 5 000 работници ќе бидат потребни во земјоделството, а во следните 5-7 години на Бугарија ќе и 'требаат и околу 10 000 наставници.
Природниот прираст на населението е намален за 14 години со околу 6%. Освен тоа годишно околу 27 000 млади ја напуштат Бугарија.
Во многу од случаите младите Бугари „бегаат" од родниот пазар на труд непосредно по завршувањето на средното образование.